"Meeting •" или како времето пред поаѓање на тим билдинг да биде поинтересно

 

Одите на тим билдинг надвор од градот. Рано наутро, „се чекате на одредена локација“. Ти како организатор си прв/ а на местото за поаѓање. Колегите пристигаат, но не се баш сите расположени за разговор. Шоферот во автобусот си седи на своето седиште и чека да тргнете. Размислуваш, како може да го „скршиш ледот“, да „си напраиш муабет“ за да помине времето додека ги чекате останатите. Tреба да тргнете за 5 минути, ама половината од колегите сеуште не се пристигнати.

Следнава идеја која ја предлагам може да ти биде од помош и да го направи чекањето пред поаѓање на тим билдинг твоја комфорна зона, време корисно искористено за вовед во тим билдинг активностите.  

 

Пролетта е на прагот. Крајот на февруари е вистинско време да започнете да планирате тим билдинг активности во вашата фирма доколку сакате за овој специфичен настан добро да се подготвите и со првите повисоки температури да уживате еден ден со колегите во природа. Team Building настаните (ќе користам англиска терминологија заради поедноставно конципирање на овој блог) се добра прилика одделот за Човечки ресурси во фирмата да увиди како вработените се екипираат, како функционираат во група и колку се синхронизирани додека играат натпреварувачки игри. Како и секој процес на подготовка за настан и тим билдингот има свој почеток на подготовки. Потребно е да „се соберете“ и да тргнете на одредена дестинација, често надвор од градот.

 Така, доколку во тим билдинг настанот учествуваат повеќе од 20 вработени, често пати фирмата организира превоз за своите вработени до дестинацијата каде ќе се одржи настанот. Бидејќи на пат се тргнува рано наутро со цел „да се фати денот“, колегите се собираат на одредената дестинација за поаѓање помеѓу 8 и 9 часот. Луѓето не се генерално расположени за многу разговор наутро, па времето пред поаѓање може да биде специфично и „тешко“ за координирање и комуникација од аспект на организаторот на целиот настан поради две причини:

 прво, не се сите расположени да одат надвор од градот и да „прават нешо као играње“. Тие на драга воља би го искористиле овој ден за активности во сопствена режија; второ, секогаш некој доцни, се успал или не доаѓа воопшто, ама му кажал на колегата да пренесе а овој заборавил да пренесе. А ти, без разлика дали работиш во фирмата која го организира настанот или соработуваш со професионален организатор на тим билдинг настани веќе чуствуваш тешка енергија во воздухот, размислуваш дали колегиве воопшто ќе играат игри кои си ги конципирал/ а или сето ова ќе биде еден тотален дебакл поради општата незаинтересираност.  Можеби ќе беше подобро да одевте во кафана.

Со цел да го подигнеш ентузијазмот за денот кој претстои, внимателно да ги расониш своите колеги и позитивно да го започнеш денот, треба да креираш содржина уште на местото каде што се чекате. Јас овие содржини ги нарекувам со едно има -  Мeeting Point. Еве неколку идеи:

a.  Верувам дека низ град сте ги забележале оние малите каминочиња кои возат и продаваат кафе. Договорете се со сопственикот кој работи со тие камиончиња да дојде на местото каде вие и вашите колеги треба да се најдете пред поаѓање. Кај овие продавачи, кафето „знае“ да биде квалитетно, ефтино и одлично оди со утринска цигара за сите пушачи. Планирајте во буџетот за настанот да ги почестите своите колеги утринско кафе наместо самите да си купуваат. Не е голем трошок, а ќе ве претстави како добар домаќин. Секогаш имајте на ум доколку ги ангажирате овие камиончиња да проверите дали ви е потребна некаква дозвола за местото каде сте замислиле дека треба да застане и да се паркира продавачот на кафе. Макар тоа е и за половина час колку и обично траат поаѓањата. Подобро е ова прашање да го решите однапред одколку во 8 часот наутро „да се објаснувате“ со некого дали е дозволено паркирање или не онаму каде што сте замислиле да испиете кафе „од нога“.

б. Нека тим билдингот не биде само занимација од два часа туку целодневен ангажман. Напишете кратка содржина која ги претставува игрите или агенда за денот на една хартија во боја. Важно: проверете дали моделот на канцеларискиот печатач може да „го помине“ листот хартија т.е која е максималната дебелина на хартијата која сакате да ја печатите (ова е под претпоставка доколку не печатите на најтенката А4 хартија туку печатите на подебела хартија која ќе изгледа поквалитетно). За текстот можете да користите некои фонтови кои се вообичаени за печатените весници. На овој начин содржините кои ќе им ги поделите на вашите колеги ќе потсетуваат на текст од дневен весник и ќе го оддаваат она чуство на утринско кафе со штотуку  печатен весник во раката. Некој може да рече дека ова е премногу “old school” но “memorabilia” е во мода дефинитивно. Јас обично го користам фонтот CENTURY во Word. Целта на овој детал од организацијата е да ги воведете учесниците во тим билдинг настанот. Ненаметливо ги упатувате на концептот кој сте го замислиле: што ќе играте денес, кога ќе биде ручекот и каков е распоредот за презентации. На овој начин денот кој претстои за еден учесник во тим бидлингот ќе биде поизвесен, а за вас помалку стресен.

в. Чекањето за поаѓање на пат можете да го искористите за развивање на тимски дух кај учесниците. На пример, обидете се да ги организирате вашите колеги во групи така што ќе им поделите платнени ленти во различни бои. Секој учесник со иста боја на својата лента, припаѓа на иста група во која ќе го развива својот тимски дух.

Креирајќи Meeting Point од неколку содржини на местото каде се чекате за поаѓање вие ја олеснувате својата работа, бидејќи:

1. Учесниците не стојат чекајќи да тргнете поставувајќи ви неодредени прашања. Со кафето, утринскиот разговор и спонтаниот вовед во денот избегнувате често видена ситуација каде учесниците гледаат во екраните од своите мобилни телефони додека вие се обидувате да ги анимирате со прашања за интеракција на кои не се сите заинтересирани да одговараат.

 2. Со самото тоа што учесниците добиле известување во интересна форма за тоа што претстои во текот на денот тие можат да имаат јасна претстава што „ќе прават“. Подоцна кога игрите ќе започнат вие сте си ја олесниле себе си работата така што  ќе го штедите своето грло избегнувајќи ситуации каде сто пати објаснувате што ќе се игра, како ќе се игра, надвикувајќи се со многу луѓе истовремено.

 3. Луѓето сакаат да припаѓаат на група, а вие избегнувате пактови со организирањето на учесниците во тимови. Организирани во тимови, вашите колеги би можеле уште во автобусот да започнат да ги „билдаат своите тимови“ преку ривалитет во тоа „кој ќе биде подобар“ или „кој ќе победи“. Верувајте, сите ние сме често „ како мали деца“ во духот. Ќе се изненадите кога ќе видите како понекогаш на сите ни недостигаат сцените од автобусите кога одевме на екскурзија.

  Започнавте ли да креирате концепт за вашиот компаниски тим билдинг настан?