Четири предизвици и четири решенија за подобар тим билдинг

 

Добро планираш, имаш идеи и многу акција во главата како ќе изгледа следnниот тим билдинг. Веруваш дека игрите ќе допринесат за подобро разбирање помеѓу вработените а ти како HR менаџер/ ка ќе забележиш одредени предности и предизвици во комуникацијата меѓу нив но ќе имаш можност и да ја процениш нивната  прилагодливост кон групата. Твојата желба како организатор/ ка на тим билдингот да поминете  квалитетен корпоративен ден се важни за ефикасен тим билдинг, но, постојат четири најчести ситуации кои доколку ги знаеш и прилагодиш кон својот план за тим билдинг можеш значително да си помогнеш себе си и да избегнеш прилика во која тим билдингот ќе се претвори во надвикување на група луѓе кои воопшто не знаат зошто дошле онаму каде што пошле.

 

Рано наутро е и веќе сите се во автобус. Одите надвор од градот. Веќе на првата пауза е полесно. Пушачите имаат запалено цигара, останатите им се придружуваат и гледаaт во мобилните телефони. Пристигнувате на дестинацијата. Агендата почнува вообичаено со гастрономија. Доручек или кафе, за одмор од патот. Веќе почнуваш срамежливо да ги прибираш сите во конференциската сала доколку игрите се indoor или во дворот од хотелот доколку игрите се outdoor. И веќе се јавува првата ситуација која треба да ја имаш во предвид со цел да можеш успешно да ја координираш групата колеги:

Адаптирајте се

Важно е овде да предвидиш 10 минути за адаптација на групата во просторот. Ова време искористи го за прилагодување на окружувањето, негување на ментална присутност за време на настанот и претставување на правилата за играње на одредена игра. Често ќе бидеш во ситуација кога ќе мораш да се  надвикуваш со колега коj го свртува вниманието на учесниците кон себе и бива поинтересeн од самата игра што претстои - а тебе тоа не ти оди во прилог. Затоа, вешто интегрирај ја оваа позитивна енергија, дозволи 10 минути за адаптација на и во окружувањето како на себе си така и на твоите колеги;

 

 

Лесен почеток

Ако вкупниот број на учесници во вашиот корпоративен тим билдинг е поголем од 15, добро е на почетокот да планираш една игра во која учесниците ќе се натпреваруваат меѓу себе во две големи групи. На пример ако се 20 учесници – во две групи по 10, ако се 50 - во две групи од 25, доколку вкупната бројка е непарен број – при поделбата, приклучи се на едната група.

Воведи ги лесно во содржините со едноставна поделба и акција на почетокот. Вообичаено првите игри се секогаш помалку динамични, игри за будење на телото и умот и прилика за тестирање на индивидуалниот пристап на учесниците кон концептот на тим билдингот. Во оваа прилика можеш да процениш како учесниците го доживуваат целиот настан и да направиш дополнителни промени при следнoто групирање во помали групи соодветно според поединечниот пристап, енергија, желба за играње. На овој начин се постигнува едноставно „претопување“ на учесниците во содржините на тим билдингот и се амортизира првичната еуфорија за денот. Директната корист за тебе како организатор е што не се доведуваш уште од стартот во ситуација во која ти кажуваш правила за играње – тие веќе играат, ти објаснуваш како до целта – тие веќе тргнале, ти одговараш на прашања - некој се откажале да играат воопшто. Затоа, две големи подгрупи за старт на денот – помалку објаснувања на правила рано наутро, лесен почеток на денот и вие веќе сте во процесот на тим билдинг.

Без прегрупирања до повеќе натпреварувачки дух

Групирањето на учесниците во тим билдингот како и нивното прегрупирање зависи од целта на игрите. Во услови кога колегите добро се познаваат помеѓу себе, обиди се да не ги групираш за секоја наредна игра во нови групи. Сите ние генерално сакаме да припаѓаме на групи или како што рекол Маслов, потребата за припадност е една од основните човекови потреби. Затоа, дозволи им на колегите во неколку игри да припаѓаат на иста група – дефинитивно ќе го развиеш натпреварувачкиот дух меѓу  нив а за себе ќе создадеш време кое можеш мудро да го искористиш за проценка на нивниот индивидуален пристап.

Повеќе помали групи – повеќе твои помошници за поддршка

Избегнувај истовремено натпреварување на повеќе помали групи кои си ги оформил за тим билдинг настанот. Доколку сепак се одлучиш за ваква поделба (5-6 учесници) кои треба да се натпреваруваат симултано, ангажирај повеќе свои помошници кои ќе го надгледуваат учинокот на секоја група и придржувањето до правилата за игра. Доколку си сам/ а можеш да се најдеш во ситуација во која нема да можеш „да ги пратиш“ поединечните групи и како тие се натпреваруваат. Оваа ситуација директно влијае на мерење на времето постигнато од секоја група, а со тоа и на крајните резултати.

Доколку веќе почна да го планираш вашиот следен корпоративен тим билдинг, верувам дека овие насоки ќе ти помогнат да решиш дел од организациските дилеми.