Зошто ти треба професионален организатор на настани

На твојот деловен распоред е организацијата на следниот корпоративен настан. Имаш многу креативни идеи но малку време за подготовка. Собираш информации за важни детали, подизведувачи и соодветен простор каде ќе се одржи настанот. Кога добиените понуди и податоци ќе треба да ги организираш, тука настанува првиот вистински предизвик. Твоите секојдневни работни обврски продолжуваат да се трупаат на твоето биро и сега веќе ти треба екстра време и ангажман да ја видиш „големата слика“  - како настанот ќе изгледа и дали ќе биде се во ред.

Еве 5 начини како можеш да создадеш повеќе време за себе, да ги намалиш оперативните трошоци за организација а на твојата компанија да и овозможиш впечатлив настан и задоволни посетители

Продажни промоции, т.н product launch настани, саемски презентации но и тренинзи, обуки и работилници се настани кои се сѐ почеста појава во денешното деловно опкружување. Овие настани честопати ги организираш ти. Доколку работиш во Одделот за човечки ресурси знаеш дека твојата работа се прошири од администрирање на документацијата на вработените па се до задачи поврзани со организацијата на мотивациски обуки, тренинзи за личниот успех на вработените како и организација на корпоративни настани. Ако пак твојата работна позиција е личен асистент, секојдневната динамика на разни деловни задачи постојано тропа на твојата канцелариска врата. А, колегите кои работат во маркетинг секторите се постојано на релацијата креативен бриф – развој на кампања – печатарски услуги. Координаторите пак на проектните програми во невладините организации и проектни единици од своја страна знаат дека за успешен проект треба да се рализираат активностите предвидени во проектот, а тоа се честопати, временски ограничени задачи.

Во овие секојдневни работни динамики на нашето деловно опкружување се провлекуваат корпоративни настани кои треба да ги организираме. Организацијата на настаните вообичаено е и задача исполнета со развивање на креативни идеи, но процесот на организација на настани е активност која тивко го освојува поголемиот дел од времето во твојот работен ден.

Денес, постои концепт за професионална организација на настани. Овој концепт во модерниот бизнис свет е дефиниран,  систематски развиен пристап со цел остварување на задоволство кај посетителите како и развивање на корпоративниот бренд  според критериумите на организаторот. Подолу, следат 5-те придобивки кои можеш да ги уживаш од соработката со професионален организатор на настани:

1.    Заштедуваш време кое инаку ќе го потрошиш во телефонски повици кон добавувачи на канцелариски материјали (тефтери, папки, пенкала) и печатарски услуги за потребите на настанот – не секогаш има секаде се. Брифирај го организаторот на твојот корпоративен настан за твоите потреби и одбери помеѓу предложените понуди;

 

2.    Намали ги трошоци за наем на техничка опрема - организаторот на настани ја знае деталната спецификација која ти е потребна за твојот настан, преговара во твое име и за твоја сметка со добавувачите – вешто се избегнува ситуацијата „еј, заборавив проектор и поинтер за презентација“;

 

3.    Одржи висока естетика на твојот настан со тоа што ќе се посветиш на декоративните елементи на настанот кои ти значат;

 

4.    Multitasking-от одзема енергија. Сега можеш да ја координираш организацијата на настанот само со организаторот на настани Така, заштедуваш енергија која подоцна во текот на настанот ќе ја искористиш за поквалитетна комуникација со твоите клиенти;

 

5.    Во професионалниот организатор на настани ќе добиеш партнер со кој можеш да ги размениш и провериш сопствените креативни идеи. Дали се изводливи? Дали се согласно концептот? Како би изгледале во пракса? Чести прашања за кои одговор има професионалниот организатор на настани.

 

Велат, „Светот е театар а секој бизнис – сцена“.

Колку интересна и професионална „претстава“ ќе биде твојот следен корпоративен настан?